Шпекулациите се покажаа како точни. Renault планира да го реинкарнира R5, но во чисто електрична верзија со модерен дизајн. Концептот кој го виде светлото на денот е доказ за тоа.

Новиот извршен директор на Renault се сврте кон минатото на марката за да го насочи брендот кон иднината! За време на презентацијата на стратешкиот план вчера наречен „Renaulution“, извршниот директор Лука де Мео го потврди враќањето на моделот R5, најавувајќи дека погонот ќе биде електромотор. А тука се и фотографиите.

Како што може да се види од рендерите, не станува збор само за евоцирање на сеќавањето на духот на Renault 5, туку концептот покажува повторна интерпретација на линиите на малиот градски автомобил кој се појави во продажба уште во далечната 1972 година. 

Се чини дека ова е вистински потег на Лука де Мео, што најдобро го илустрира бројот на посети на светските портали кои ја пренесоа оваа вест. Во Франција, самата најава за враќање на овој модел стигна до националната телевизија, на кој начин се воспоставува носталгија како сериозен економски адут. За тоа непречено можат да сведочат и челниците на Fiat, кои го реинкарнираа моделот 500.

Споредбата и самото споменување на Fiat 500 не е случајно, за што сведочи и вклученоста на денешниот директор на Renault во реализацијата на идејата за воскреснување на малиот Италијанец, што во модерната изведба се покажа како тотален комерцијален хит. И ова, исто така, на совршен начин покажува што Де Мео планира да стори со Renault на глобално ниво, а тоа е да заработи повеќе пари за компанијата со секое продадено возило.

Прототипот Renault 5 претставува прво дело на Жил Видал кој на компанијата се придружи претходното лето, откако помина многу години управувајќи со дизајнерската функција во ривалскиот Peugeot! Улогата на овој концепт е „да ја покаже волјата и моќта на Renault да ги демократизира електричните автомобили во Европа со примена на модерен стил и во сегментот на достапни возила“.

Не е тешко веднаш да се забележат главните линии на новиот модел R5, како што се вертикалните стоп светла на аглите на капакот од багажникот, а и самите сигнални групи се со иста форма – четириаголна. 

Стилската пикантерија од оригиналното Renault 5 тука е прилагодена на духот на модерното време. Така, влезовите на воздух што некогаш биле направени на хаубата на легендата, тука биле користени само за да се скрие приклучокот за полнење на електрична енергија. Бојата на телото, светло жолта, како што можеме да видиме, е избрана со желба да асоцира на забава и разиграност, додека покривот е покриен со ткаенина.

Тоа се отприлика сите достапни информации, со оглед на фактот дека не се дадени какви било технички спецификации. За такво нешто е рано, бидејќи комерцијализацијата, односно воведувањето во понудата, се очекува околу 2023 година. Раѓањето на ова бебе веројатно ќе значи и „смрт“ за исклучително успешниот модел Zoe.