На Сер Род Стјуарт не му е проблем да се извалка, иако е милионер

„Ако сакате нешто да биде направено, најдобро е да го направите сами“. Ова не е текст од песна на Род Стјуарт, но може да биде, затоа што легендарниот пејач излегол сам да го поправи патот што води до неговиот имот во Харлоу (Есекс).

Сер Род Стјуарт можеби е милионер и светска славна личност, но не му пречи да ги извалка рацете. Уште повеќе кога работата влијае на друга негова страст – возењето скапи и брзи автомобили. Меѓутоа, автомобилите во гаражата на милионерот се неупотребливи поради лошата состојба на патот до неговиот дом, поради што пејачот собрал тим од пријатели и сам се фатил за лопата.

Пејачот објави и видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како тој фрла чакал во огромните кратери на патот, а притоа објаснува зошто го прави тоа. А причината е многу позната насекаде, особено во Македонија – никој друг не го прави тоа.

„Луѓето си ги кршат автомобилите“, вели Стјуарт пред камерата додека покажува капак од тркало кое паднало во калта. „Тука пред неколку дена пукна гума на возило за брза помош. Да не зборуваме дека моето Ferrari едноставно не може да оди по ваков пат. Затоа, момците и јас решивме да дојдеме овде и да го направиме тоа сами“.