Како што е познато, Lamborghini ќе стави крај на дружбата со моторите со внатрешно согорување до втората половина на оваа деценија, така да ако сакате да си дозволите Lambo што нема помош од електричен мотор, тоа ќе мора да го сторите наскоро

Имено, шефот на Lamborghini, Штефан Винкелман, е цитиран дека оваа година компанијата што ја предводи за последен пат ќе претстави чисто бензински модел.

Винкелман, исто така, вели дека марката од Санта Агата има причина да биде среќна, бидејќи проджниот годишен рекорд е соборен, со 8.405 единици продадени единици во текот на 2021 година. Јасно е дека речиси 60 отсто од таа бројка се однесува на теренецот Urus (5.021).

Во таа насока, италијанската марка оваа година ќе лансира четири нови модели како подготовка за електрификација на гамата. Компанијата не прецизира што и кога ќе претстави. Заменикот на Aventador би можел да биде еден од четирите модели за кои станува збор, по Aventador Ultimae, последниот чист V12 што италијанската компанија ќе го има на понуда.

Кога станува збор за електрификацијата, Lambo во таа транзиција вложи значителна сума – 1,5 милијарди евра за развој на plug-in хибриди. Првата серија на електрифицирани Lamborghini модели ќе пристигне во 2023 година, додека чисто електричниот модел ќе стапи на сцена во 2025 година.

Иднината е дефинитивно „електрична“ за италијанскиот производител, со силна поддршка од групацијата VW. Винкелман вели дека сè уште се работи на дизајнот на првото електрично Lambо, а се размислува и за лансирање на модел со четири врати, „погоден за секојдневна употреба“.