Иако се веруваше дека Ultimae е последното Lamborghini со „чист“ V12 мотор, италијанската компанија го докажа спротивното и го претстави дуото Invencible и Autentica.

Invencible е всушност купе, додека Autentica е роудстер. Овие модели се во служба на „последно збогум“ на V12 моторот на Lamborghini пред претстојната хибридна ера. И двата модели се базирани на долговечната платформа на Aventador, која премиерно беше прикажана пред 12 години со пристигнувањето на „оригиналниот“ модел LP 700-4.

Invencible и Autentica се спој на претходни модели и содржат дизајнерски детали од неколку V12 машини, вклучувајќи го и моделот Reventon. Тоа беше лимитирано специјално издание базирано на Murcielago, но надворешноста беше наговестување за Aventador.

Lamborghini вели дека дуото „се потпира“ и на моделот Veneno, кој веројатно беше „најлудиот“ дериват на Aventador. Ако дизајнот на хаубата изгледа познато, тоа е затоа што е позајмен од Essenza SCV12, „ѕвер“ со 6.5-литарски мотор и 818 КС наменет исклучиво за тркачка патека.

„Последното збогум“ на Lamborghini за V12 моторот, исто така, му оддава почит на Sesto Elemento базиран на Gallardo со фокус на малата тежина и масивното задно крило.

Уникатното купе и родстер имаат целосно карбонски каросерии со традиционална хексагонална тема. Invencible е обоен во Rosso Efesto, а Autentica во Grigio Titans боја.

Во внатрешноста се наоѓа минималистичка контролна табла без инфозабавен систем, а тука се и 3D печатените отвори за воздух.

Уникатните автомобили ја користат најмоќната верзија на V12 моторот некогаш инсталиран во Lamborghini. Како и во случајот со моделот Ultimae, атмосферскиот мотор развива 769 КС и 720 Nm вртежен момент, а силата се пренесува на сите четири тркала преку 7-степен ISR менувач. Деталите за перформансите не се објавени, но треба да се потсети дека Ultimae од 0 до 100 km/h забрзува за 2,8 секунди и достигнува максимални 355 km/h. Исто така, засега нема информации за цената.

Наследникот на Aventador се очекува во првиот квартал од оваа година, а ќе биде придвижуван од целосно нов V12 мотор со plug-in хибридна технологија. Овој модел ќе ја започне хибридната револуција бидејќи и Urus ќе добие plug-in хибридна верзија, додека замената за Huracan исто така ќе биде делумно електрифицирана.

Целосно електрично Lamborghini се очекува во 2028 година.