Во споредба со јуни минатата година, кај некои производители падот на продажбата е речиси педесет проценти

Продажбата на нови автомобили во Европа го допре дното, а можеби и само така мислиме. Во текот на јуни се продадени само 1,06 милиони автомобили (EU + EFTA + UK), што е најлош резултат за тој месец од 1996 година. Споредено со истиот месец лани, некои производители забележале пад на продажбата од речиси 50 отсто.

На пример, групацијата Volkswagen продала речиси 25 отсто помалку автомобили овој јуни отколку во истиот месец минатата година, а Stellantis има пад на продажбата од 21,1 отсто во првата половина од оваа година во споредба со истиот период лани.

Продажбата на Volvo бележи уште поголем пад. Во однос на минатиот јуни продале 47,9 отсто помалку автомобили, а на ниво од првата половина од годината падот е 28,5 отсто. Во првите шест месеци од 2022 година, Jaguar Land Rover Group забележал пад од 34,7 отсто, што е највисока бројка гледано во однос на сите производители.

Причините за катастрофалните продажни резултати се многубројни, но ако главната причина за падот до пред извесно време се припишуваше на недостатокот на чипови и други материјали и компоненти предизвикани од прекините во синџирот на снабдување и војната во Украина сега веќе главна причина се самите купувачи кои се помалку избираат да купат нови автомобили поради високите цени, инфлацијата и стравот од голема економска криза.

Продажбата на нови автомобили е во постојан пад веќе 12 месеци, а тоа особено се чувствува на најголемите пазари во ЕУ: Германија, Франција, Шпанија и Италија.

Повеќе информации за статистиката на ACEA, може да погледнете во целосниот извештај (ACEA_June.2022).