Криза во автомобилската индустрија: Глобалната продажба помала за 3,1 милиони возила во 2019 година
На глобално ниво, оваа година ќе биде забележан најголем пад на продажбата на нови автомобили од избувнувањето на економската криза во 2008 година
Како што предвидува агенцијата Fitch Ratings, падот на испорачаните нови автомобили во светски рамки во 2019 година ќе биде 3,1 милиони во однос на претходната година, што одговара на намалување на продажбата од околу 4%. Имено, во 2018 година, продажбата на глобално ниво изнесувала 80,6 милиони автомобили, а за оваа година бројката која се очекува е е само 77,5 милиони нови возила.
Потсетување дека и во 2018 година, исто така, имаше пад во однос на 2017 година кога глобалната продажба достигна рекордни 81,8 милиони возила.
Клучна причина за рекордниот пад на продажбата е намалената побарувачка на најголемиот светски пазар – Кина. Во периодот јануари-октомври 2019 година, продажбата на нови автомобили во Кина опаднала за 11 проценти во однос на истиот период во 2018 година.
Пад во испораките на нови возила се очекува и во Соединетите држави, и тоа од околу 2%.
Постојат повеќе причини за глобалниот пад на продажбата, исто како и за намаленото производство на автомобили. Според Fitch Ratings меѓу нив е зголемената загриженост за загадувањето на воздухот, што доведе до построги регулативи, што особено се заканува на продажбата на дизелите.
Друга причина за падот на побарувачката за нови автомобили е растот на услугите за изнајмување автомобили и услугите за споделување на автомобили.