Крај за актуелниот Avensis, наследникот се уште неизвесен
Во Toyota одлучиле да стават крај на производството на актуелниот Avensis од трета генерација, иако неговиот наследник сè уште не е на повидок
Како што дознава изданието Autocar, јапонскиот производител сѐ уште ја разгледува можноста за продолжување на животниот век на овој семеен седан, преку нова, четврта генерација, но лидерите на компанијата сè уште не донеле конечна одлука за тоа.
Иако „шпионски“ фотографии од камуфлиран прототип на новиот Avensis се појавија уште пред повеќе од една година, се чини дека подалеку од раната развојна фаза на ова возило не е отидено.
Портпаролот на Toyota за Европа за Autocar вели дека го следат падот на продажбата на лимузини од сегментот D и дека се свесни дека европските потрошувачи го изгубиле интересот за овие возила.
Дека Toyota дефинитивно може да го укине својот седан од средната класа, упатуваат и резултатите од продажбата во 2017 година односно само 25.319 примероци на Avensis доставени до европските потрошувачи, со пад од 28% на годишно ниво.
Во исто време, најдобро продаваниот модел во D сегментот, VW Passat, во 2017 година привлекол дури 183.288 клиенти на Стариот континент, а во истиот период се испорачани 81.410 примероци од Škoda Superb.
Третата генерација на Avensis, достапна и во караван верзија, беше лансирана во 2009 година, а последен пат беше освежена во 2015 година. Најдобрата година за овој модел е 2004 година, кога Toyota продала 142.535 примероци во Европа.