Крај на една ера: BMW го произведе последниот V12 мотор
„Чудовиштето“ од 6.6 литри оди во пензија
Сè построгите регулативи за количината на штетни материи во издувните гасови и малата побарувачка се главните причини поради кои во BMW се одлучиле да го повлече својот најголем мотор по повеќе од триесет години. Огромната единица со 12 цилиндри, која во последната генерација ја носеше фабричката ознака N74, е повлечена со специјална серија од 12 примероци на луксузниот BMW M760i.
Иако V12 моторите беа многу почести кај италијанските спортски автомобили, моторот на BMW беше високо ценет меѓу ентузијастите на автомобили. Првиот V12 дебитираше во BMW на крајот на 80-тите под фабричката ознака M70. Станува збор за 5-литарски мотор со околу 300 КС инсталиран во Серија 7.
Последната генерација на V12 на BMW беше многу помоќна. Станува збор за 6.6-литарски мотор со два турбополначи и 610 КС. Моторот беше стандарден со погон на сите тркала и 8-степен автоматски менувач.
Во текот на својата историја, V12 на BMW ги придвижуваше исклучиво моделите од серијата 7 и 8, но тој беше инсталиран и во автомобили од други марки, првенствено во Rolls Royce и McLaren. Од попознатите модели во кои е инсталиран треба да се издвојат BMW 850 CSi, Rolls Royce Phantom и McLaren F1.