Минималистичкиот теренец направен од рециклирана пластика со куп практични решенија покажува како ќе изгледаат серискиот Duster, Bigster…

Година и пол откако групацијата Renault го објави својот стратешки план Renaulution за сите свои четири марки (Renault, Alpine, Dacia и Mobilize), романскиот производител ги откри плановите на новинарите од целиот свет на изложбата Brand Manifesto во изложбените сали на парискиот аеродром Le Bourget за иднината на Дачија.

Не само веќе видените нов заштитен знак и бои, меѓу кои доминира маслинесто сива, туку и новата дизајнерска насока и технологија, како и уредувањето на салоните, што треба да ја направи романската компанија – во сопственост на групацијата Renault од 1999 година – дури попривлечнa за клиентите ширум светот, а особено во ЕУ. Имено, Романците имаат намера во иднина да го повторат успехот на Б-сегментот (Sandero, Duster) и во Ц-сегментот (Bigster).

Dacia, која продаде дури 7,5 милиони автомобили во изминатите 18 години и денес е трет производител на автомобили меѓу приватните купувачи во ЕУ (Sandero е најпродаваниот автомобил, а Duster број еден SUV), ќе остане верна на традицијата. Во превод: неопходно, кул, робусно, достапно и добро за околината. Сите споменати вредности најдобро ги отсликува минималистичката студија на теренскиот Manifesto, именуван по латинскиот збор за проглас (најпознат е Комунистичкиот манифест од 1848 година).

Секако, никогаш нема да влезе во сериско производство, но открива еден куп решенија кои во иднина ќе ги красат сериските изданија на Duster, Bigster, Jogger, Sandero… Направен е, на пример, од рециклирана пластика, која денес се користи само за делови скриени од погледот и сочинува околу 12 проценти од постоечкиот Duster (европскиот просек е 8 проценти), но веќе во блиска иднина – во комбинација со светкави зрнца – ќе се користи и за видливите делови на каросеријата на новиот Duster (пристигнува во 2024 година) и сериското издание на Bigster (2025), што значи дека уделот на рециклирана пластика ќе порасне до дури 20 проценти.

Напред има само едно LED светло поставено во средината, кое може да се отстрани и да се користи како рачна светилка, а истото важи и за литиум-јонската батерија која се наоѓа зад задниот браник, која обезбедува струја за осветлување, радио или шпорет при кампување.

На минијатурниот покрив се наоѓа повеќенаменска решетка за багаж што лесно може да се расклопи и извади, а студијата нема врати, нема шофершајбна и нема прозорци. Рамниот заден дел од студијата може да се користи и како работна површина.

Внатрешноста е делумно изработена од природни материјали, како плута на воланот и контролната табла без инструменти (Dacia со години се обидува да ги користи паметните телефони на сопствениците за поврзување со автомобилот, а истото важи и за Manifesto). Навлаките на седиштата може да се отстранат за неколку минути и да се претворат во вреќи за спиење, а со специјални држачи може да се закачат шолји за кафе, телефони, таблети и компјутери… Целата внатрешност е водоотпорна и може да се пере.

Се разбира, не се споменува погонот, но претпоставката е дека станува збор за струја, иако романскиот производител во голема мера се потпира на плин (LPG). Секој четврти автомобил на Dacia продаден во светот минатата година се напојува со плин, а водечки пазари се Турција, Полска и Италија.

Ништо чудно кога прагот на рентабилност ќе се достигне веќе по 15.000 километри, а со денешните цени на горивото, на секои сто километри се заштедуваат 5 евра, со автономија од 1.200 километри и гаранција од 3 години. Погонот е секако на сите четири тркала, кои ќе ги нуди новиот Duster, како и поголемиот Bigster.