По квалификациите за Големата награда на Австрија, имаше голема конфузија околу тоа како ќе изгледа стартниот редослед. Многу возачи заработија казни, што поради нови делови на болидите, што поради блокирање на други возачи во квалификациите

Најголемата дилема всушност беше стартната позиција на Луис Хамилтон. Актуелниот шампион во квалификациите заврши на второто место, но поради блокирање на Кими Раиконен доби грид казна од три позиции, што би значело дека треба да стартува како петти.

Сепак, петти во квалификациите заврши Кевин Магнусен од Haas, кој уште претходно доби казна од пет места позиции како резултат на промената на менувачот, а поради начинот на кој FIA ги применува казните, Хамилтон во овој случај нема да стартува петти, туку четврти.

Имено, FIA казните ги пресметува по редослед кога на возачите им се одредени, а позициите кои привремено остануваат празни поради казнување на некој возач, се пополнуваат дури откако ќе се пресметаат казните за сите возачи.

Во овој конкретен случај, прво е казната за Магнусен од пет места наназад во редоследот, а потоа на Хамилтон за три места наназад. Според резултатите од квалификациите, возачот на Mercedes треба да оди зад Верстапен, Ботас и Магнусен, но со оглед дека Данецот е веќе казнет, Хамилтон всушност губи само две позиции. Така тој ќе стартува од четвртата позиција, а не Ландо Норис како што се мислеше по квалификациите . Возачот на McLaren во квалификациите заврши како шести, но поради казната на Магнусен, ќе стартува од петтата позиција.

Нико Хулкенберг од Renault ќе стартува како 15-ти поради промена на моторот, Џорџ Расел ќе започне како 18-ти поради казна за блокирање на Данил Квјат, а последниот ред овој пат е резервиран за Александар Албон и Карлос Саинц, кои ја одработуваат казната за користење нови погонски единици. Албон ја има 19-та позиција, бидејќи Q2 имаше подобро време од Саинц.

Во секој случај, не очекува возбудлив старт со Чарлс Леклерк и Макс Верстапен од првиот стартен ред, болидите на Mercedes од вториот ред и Себастијан Фетел дури од деветтата стартна позиција.

Конечниот редослед на стартот може да го видите овде.

Трката за ГН на Австрија започнува во 15.10 часот со пренос на Телевизија 24.