Германскиот производител го претстави редизајнираното Polo во месец април, за сега да ги објави и цените за овој модел

Автомобилите од генерација во генерација стануваат поскапи, па не е изненадување што рестилизираното Polo чини повеќе од неговиот претходник. Популарниот субкомпактен модел на Volkswagen пристигнува во германските салони во јуни, по почетна цена од нешто помалку од 16.000 евра.

Толку ќе чини основната верзија со пакетот опрема Fresh, со 1.0-литарска атмосферска погонска единица од 80 КС (59 kW) и 93 Nm, во комбинација со 5-степен мануелен менувач.

За споредба, два традиционални ривали на моделот на Volkswagen – Ford Fiesta и Renault Clio – во Германија чинат 14.350, односно 14.100 евра.

Што се однесува до пакетите со средна опрема, Polo Life започнува од 20,175 евра, а Polo Style од 22,475 евра.

Инаку, Volkswagen Polo ќе биде достапен и со 1.0 TSI турбо-бензинец, во варијанти со 95 или 110 коњски сили.

Очекувано, дизел варијанта повеќе не се нуди, но за оние кои сакаат да заштедат на гориво, тука е 1.0 TGI со компримиран природен гас. Оваа верзија има 90 КС (66 kW) и 160 Nm максимален вртежен момент. На врвот од понудата ќе се најде Polo GTI, чија премиера се очекува во јуни.

Цената на редизајнираното Polo за нашиот пазар засега не е позната, но треба да се очекува дека ќе биде нешто пониска од германската.