Колку е температурната разлика во салонот во зависност од бојата на каросеријата / ВИДЕО
Тест со термичка камера ја покажува разликата во зависност од бојата на автомобилот
При купување на автомобил, барем во јужните краишта, по некое непишано правило, темните бои на каросеријата би требало да се избегнуваат. Зошто е тоа така, веруваме и самите знаете. Темните бои апсорбираат повеќе топлина, а светлите бои ја рефлектираат сончевата светлина. А сонцето барем ова лето го имаше во изобилство. Можеби едно од најжешките лета. Секој може и сам да се убеди ако седне во автомобил со црн кожен салон изложен на сонце или само ако ја допре хаубата на автомобил со црна односно темна боја на каросеријата. Сепак, колку до колку степени се загрева автомобилот и кои се разликите помеѓу црната и некои други бои?
Одговор на ова прашање дава блогерот од YouTube каналот MikesCarInfo. Експериментот е спроведен во 13 часот во крајбрежниот град Миртл Бич, Јужна Каролина. „Вооружен“ со термичка камера Flir ONE, bлогерот се приближува кон неколку паркирани Toyota Highlander возила кои се разликуваат само по бојата на каросеријата. Температурната разлика помеѓу белите и црните автомобили е скоро 25 степени. Конкретно, индикаторот за црната Toyota застанува на 70,6 степени, додека кај белата Toyota на прифатливи 45 степени.
Се разбира, овие две бои се на спротивните краеви од спектарот. Како и да е, термичката камера го мери и греењето на сивиот и сребрениот модел. Сепак, излегува дека сивата Toyota е скоро исто толку загреана како и црната: над 63 целзиусови степени!
Погледнете го видеото во прилог.