Младиот возач од Монако, по повеќе пехови и несреќни ситуации во тековната сезона, конечно успеа да стигне до својата прва победа во кариерата, воедно и прва за Ferrari во 2019 година

Второто и третото место им припадна на возачите на Mercedes – Луис Хамилтон и Валтери Ботас.

Леклерк имаше фантастичен старт и ја задржа првата старна позиција, додека Хамилтон ја искористи внатрешната линија и го заобиколи Фетел, кој немаше доволно простор да ја одбрани позицијата. Сепак, Германецот веќе на првиот правец ја искористи предноста на моторот на Ferrari на правец и лесно ја врати својата втора позиција од стартот на трката.

Веќе на првата кривина дојде до инцидент помеѓу Верстапен и Раиконен. Финецот имаше одличен старт и се проби до петтото место, а Верстапен во да ја врати позицијата, предоцна притисна на сопирачките и го удри Раиконен во темето на кривината. И двајцата продолжија, но набрзо се покажа дека болидот на Верстапен има поголемо оштетување од оној на Раиконен поради што Холанѓанецот ја загуби контролата и директно удри во заштитниот ѕид. Целата мешаница, најдобро ја искористи Ландо Норис од McLaren кој од 11-та стартна позиција се проби до петтото место.

Како резултат на инцидентот, на патеката излезе безбедносното возило. Случувањата на патеката, го искористи Раиконен кој веднаш замина сервис во боксот. Трката требаше да се продолжи во четвртиот круг, но поради откажувањето на Саинц од McLaren повторениот старт се случи во петтиот круг.

И по рестартот на трката, Леклерк лесно ја контролираше ситуацијата и веќе по неколку кругови создаде предност од околу две секунди пред Фетел, додека Германецот беше на околу секунда и пол пред Хамилтон.

Во 16-от круг, Фетел е првиот од водечките кој се реши на промена на гумите, по што се врати на чиста патека со можност до максимум да ја искористи предноста на новите гуми. Во тие моменти, Леклерк одржуваше предност од околу четири и пол секунди во однос на Хамилтон, додека Ботас заостануваше скоро исто толку зад Хамилтон.

Леклерк на промена на гумите се одлучи во 22-от круг, по што на патеката се врати зад Фетел, а во следните два круга промена на гумите направија и Хамилтон и Ботас.

Повеќе од очигледно беше дека Леклерк е побрз од Фетел и во 27-от круг успева лесно да ја врати водечката позиција. Во исто време и двата возачи на Mercedes вртеа побрзи кругови од Фетел кој очигледно не доби многу со смената на гумите.

Во 30-от круг Хамилтон започна да го притиска Фетел, чии гуми беа доста истрошени и по неколку обиди тој конечно со помош на DRS-от на Кемел правецот лесно го доби директниот дуел.

Од кога стана јасно дека Фетел нема да помине поинаку и во дуелот со Ботас кој веќе почна „да му дише во врат“, на единаесет круга пред крајот, Фетел беше повикан од боксот на нова промена на гумите. Доби малку користени меки гуми, кои сепак не му донесоа голема предност во однос на противниците пред него.

Зад водечката четворка цело време успешно се држеше Норис кој веќе имаше солидна предност пред Перез на шестото место и останатите од седмото до единаесеттото место кои водеа одлична битка за што подобра позиција.

Квјат и Албон водеа битка за седмото место во која младиот Албон кој jа возеше првата трка за Red Bull, на крајот излезе како победник. Зад нив Џовинаци доби сет на свежи меки гуми и за возврат лесно ги зобиколи Гросжан, Гасли и Рикиардо.

Ситуацијата на врвот се чинеше стабилна во корист на Леклерк се до пет круга пред крајот кога Леклерк започна да губи време споредбено со Хамилтон. Британцот многу време надокнадуваше во вториот сектор каде Mercedes во текот на целиот викенд имаше предност.

На крајот, на Хамилтон кој веќе скоро го стигна Леклерк, се чини му фалеше само уште еден круг за да направи целосен пресврт во однос на конкуренцијата. Фетел кој иако возеше многу побрзи кругови од Хамилтон и Ботас, сепак немаше доволно време за да се обиде да стигне до последното 3-то место на подиумот.

Победникот во изборот на возач на денот беше воедно и губитник на денот. Ландо Норис кој скоро целата трка ја извозе соло на петтата позиција, пред влезот во последниот круг, мораше да паркира болидот и да се откаже од трката поради проблеми со моторот.

Резултати:

2019 Belgian Grand Prix: Race Highlights

Изјави по трката:

Валтери Ботас

„Ова е одличен резултат, но трката не успеа баш како што сакавме – Ferrari беа многу брзи на правците и немав многу шанси да се борам за водечката позиција денес“

Луис Јамилтон

„Дадов апсолутен максимум … Ова беше навистина тешка трка денес: Ferrari беа пребрзi. Честитки до Чарлс i за неговата прва победа, тој има многу пред севе, и јас сум навистина среќен за него“.

Чарлс Леклерк

„Од една страна, победата е остварување на детскиот сон, но од друга страна беше многу тежок викенд. Јас пораснав со Антоан и сакам да му ја посветам својата победа”

Трагедија во Formula 2! Загина младиот возач Антоан Хуберт

Во инцидент на патеката Спа во Белгија, животот го загуби францускиот возач Антоан Хуберт

Во саботата на првата трка на Спа од Formula 2 шампионатот, 20-годишниот француски возач во обид да избегне судир, ја изгуби контролата над болидот, по што удри во заштитниот ѕид од гуми. На негова несреќа, тој со одби од бариерата, а на него со огромна брзина налета американскиот колега Хуан Мануел Кореа. Веднаш по инцидентот и двајцата возачи беа пренесени во болница, каде за жал, Хуберт подлегна на повредите, додека неговиот колега и покрај серизоноста на повредите е надвор од животна опасност.

Следната трка од шампионатот се вози веќе следниот викенд за ГН на Италија на легендарната Монца.

Loading...