![Колекција на досега невидени Ferrari прототипови оди на продажба: Се очекуваат милиони / ВИДЕО](https://dodajgas.mk/wp-content/uploads/2022/08/trio-of-ferrari-laferrari-prototypes-photo-credit-mecum_100846809_h.jpg)
Колекција на досега невидени Ferrari прототипови оди на продажба: Се очекуваат милиони / ВИДЕО
Овие досега невидени прототипови помогнале во обликувувањето на добропознатиот суперавтомобил LaFerrari
Претставен во 2013 година како духовен наследник на Ferrari Enzo, LaFerrari беше пионер на многу начини. Меѓу останатото, овој модел беше првото Ferrari кое користи технологија за хибриден погон, а воедно и најмоќното Ferrari во тоа време.
Речиси десет години подоцна, LaFerrari е баран колекционерски автомобил. Обично сопствеништвото го менува за нешто повеќе од 3 милиони долари, но примерите со мала километража чинат уште повеќе. Во мај оваа година, црвена Aperta со само 259 поминати километри беше продадена за 5,36 милиони долари.
Суперавтомобилот доби и верзија само за патека наречена FXX-K, која е направена во само 40 примероци и според многумина е врв во LaFerrari гамата. Сепак, верувале или не, тоа не е најретката верзија на хиперавтомобилот. Прототипови од автомобилот ќе излезат на аукција овој месец.
Овие досега невидени прототипови помогнале во обликувувањето на добропознатиот суперавтомобил LaFerrari, а секој од нив има неколку посебни карактеристики со кои може да се пофали.
Прототипот од првата фаза, внатрешно познат како F150 Muletto M4, всушност е сосема различен од LaFerrari. Тоа е затоа што се базира на моделот 458 Italia. Тоа не е убав автомобил, и изгледа како да е склопен набрзина, но тоа е автомобилот со кој започнува проектот LaFerrari.
Прототипот од втората фаза се вика F150 Mulotipo MP1 и малку повеќе личи на серискиот LaFerrari. Се одликува со претпроизводна шасија и када, како и прототип верзија на моторот V12. Опремен е и со прототип на системот HY-KERS и се користел за тестирање помеѓу март 2012 и август 2013 година.
Прототипот на Ferrari од третата фаза наречен F150 Prototype Preserie PS1, визуелно е идентичен со серискиот модел и ја вклучува целата технологија која е вградена во LaFerrari и испорачана до клиентите. За разлика од првите две, тој има Rosso Corsa панели на каросеријата покрај црна мат боја.
Колекцијата вклучува и прототип на Ferrari F12tdf. Внатрешно познат како MP4, се користел за тестирање и финализирање на F12 „Tour de France“, ограничена едиција на суперавтомобил кој оддаде почит на 250 GT „Берлинетите“ од 1950-тите.
Уникатните прототипови ќе бидат продадени за време на аукцијата на Mecum во Монтереј од 18 до 20 август. Секој ќе се продава поединечно со сертификат Ferrari Classiche и продажна сметка. И веројатно претпоставувате, ниту еден од нив не може да се регистрира за користење на јавни патишта.