Квалитетните гуми се една од најважните компоненти на возилото и на нив никако не треба да се штеди. Тие, како и автомобилот во целина, бараат одржување

Гумите со текот на времето се абат, па затоа е многу важно да ги замените кога ќе дојде време. Сепак, како да се утврди дека се потребни нови гуми? Ова се петте сигнали кои велат дека е време за нов сет и вулканизер.

Испакнатини, излижани површини и пукнатини

Ако видите исекотини, гребнатини или вдлабнувања на гумата, тогаш е вистинско време за замена. Секоја промена во текстурата на страничните ѕидови во форма на пукнатини или линии е знак дека „младите денови“ одамна поминале.

Зголемена бучава

Ако гумите испраќаат поинтензивни шумови во салонот отколку порано, тоа секако може да биде знак дека има потреба од замена. Истрошените гуми имаат лоша распределба на притисокот, што создава карактеристичен вртложен звук, сличен на звукот од центрифуга од машина за перење.

Постојано испуштаат воздух

Еден од вообичаените сигнали дека гумите се во лоша состојба е пуштањето воздух во континуитет. Ако често им треба пумпање, време е да ги замените. Во овој случај, сепак проверете дали испуштањето на воздух можеби е поради лош вентил или искривена фелна, што е чест случај.

Истрошен газен слој

Лош газен слој, или шарата, исто така е јасен показател дека е време за замена. Дури и ако гумата не е „ќелава“, но е значително потрошена, не треба да се соборуваат брзински рекорди.

Кога површината на газната површина на гумата доаѓа до индикаторот, време е за замена.

Потскокнување при возење

Чувствувате повеќе вибрации од вообичаено? Можеби патот е лош, но можно е и гумите да се истрошени.

Исто така, треба да се има на ум дека е можно нерамномерно трошење на гумите, па затоа е неопходно да ги ротирате.