Кога можеме да очекуваме ценовно прифатлив и функционален електричен автомобил до 10.000 €?
Од Renault велат во рок од пет години
На овогодинешното издание на Салонот за автомобили во Франкфурт доминираат електрични и хибридни автомобили, а она што е заедничко за сите е дека тие се многу поскапи од нивните SUS пандани. Затоа се повеќе се поставува прашањето кога на европскиот пазар ќе се појави функционален нискобуџетен патнички автомобил, кој во основната верзија ќе чини под 10.000 евра.
Извршниот директор на Renault, Тиjeri Болор, тврди дека тоа ќе се случи во наредните 5 години и дека овој француски производител е во состојба да го стори тоа благодарение на долгогодишното искуство во развој на електрични возила како што е моделот Zoe.
Сепак, не е јасно како Болор смета електричните автомобили да ги доближи до широките народни маси, со оглед дека Volkswagen, кој исто така има намера да започне со масовно производство на електрични автомобили, го има својот прв чисто електричен модел (VW ID.3) со цена од околу 30.000 евра, или три пати повеќе од предвидената цена за идниот модел на Renault.
Од друга страна, прифатливо електрично Renault веќе постои, но во Кина, каде француската компанија го лансираше моделот Renault City K-ZE по цена од 7.900 €.
Станува збор за електрична верзија на ефтиниот Kwid модел на Renault, кој се продава на поголемите пазари во развој, како Индија.
Renault City K-ZE во продажба во Кина влезе претходно оваа недела, а најевтината верзија чини околу 7.900 евра. Се проценува дека доколку Рено сакаше да го понуди овој автомобил на клиентите во Европа, по потребните надградби и одобренија, тоа би чинело околу 10.000 евра (во најевтина верзија) на Стариот континент.
Инаку, Renault City K-ZE е поставен на механичката платформа CMF-A и има батерија од литиум-јон од 26,8 kWh. Погонот е стар електричен мотор кој испорачува 44 КС и 125 Nm.
Производителот наведува дека градскиот К-ZЕ е во можност да патува до 270 км со полни батерии (според стариот циклус на мерење NЕDC).