По спроведувањето на системот за управување со сообраќајот на Alibaba, градот Хангжу во Кина од петто паднал на 57 место на листата на кинески градови со најголем сообраќаен метеж

Големи сообраќајни гужви, чекање во автомобилите или во возилата за јавен превоз, се некои од најголемите проблеми на големите (но и помали) градови низ светот. Бројот на автомобили постојано се зголемува, додека патната инфраструктура споро се менува или воопшто не, а направена е во време кога бројот на патнички возила бил многу помал. Овој проблем е особено нагласен во кинеските градови, но искуството на градот Хангжу, кој има 7 милиони луѓе, покажува дека и без големи промени во инфраструктурата проблемот не е нерешлив.

Овој град порано бил на петтото место во Кина според сообраќајниот метеж, но откако компанијата Alibaba, чие корпоративно седиште е токму тука, го имплементирала својот систем наречен „Мозок на градот“ за управување со сообраќајот, ситуацијата драстично се променила и денес овој град е на 57-то место во Кина. Системот развиен од страна на Alibaba е заснован на информации од голем број на извори, како што се видео записи од крстосниците и локација на автомобилите добиена преку GPS, а информациите се анализираат во реално време, по што системот пронаоѓа „интелигентно решение за проблемите“, како што се оптимизирање на управувањето со семафорите и други сообраќајни знаци со што се намалува метежот.

По две години тестирање, жителите на овој град може да бидат задоволни – сообраќајниот метеж е помал, патувањата се пократки, а амбулантните возила и пожарникари сега речиси два пати побрзо стигнуваат на местото на настанот.

Освен во Франција, системот на Alibaba се користи и во други кинески градови, како и Куала Лумпур, а и други компании се обидуваат да најдат слични решенија за намалување на застојот на патиштата. Минатата година, германскиот град Волфсбург исто така започна со тестирање на интелигентен систем за управување со сообраќајот, управуван од Volkswagen и Siemens.

Се очекува дека до 2025 година, во градовите кои ќе користат вакви системи (а ќе ги има се повеќе) времето на возење ќе се намали во просек помеѓу 15 и 20 отсто, барем според истражувањето спроведено минатата година од страна на McKinsey Global институтот.