![Кина го презеде првиот чекор за релаксирање на трговските тензии со Америка](https://dodajgas.mk/wp-content/uploads/2018/12/US-china-flags-1.jpg)
Кина го презеде првиот чекор за релаксирање на трговските тензии со Америка
Кина привремено ќе ги суспендира дополнителните царински давачки за возила и компоненти произведени во Америка со стапка од 25%
Одлуката на кинеските власти влегува во сила на првиот ден од следната година, објави Министерството за финансии на земјата, пред два дена. Овој чекор се толкува како уште еден знак за деескалација на трговските тензии помеѓу двете најголеми светски економии.
Министерството за финансии во писмена изјава изразува надеж дека Кина и САД ќе бидат во можност да го забрзаат темпото на преговорите со цел да се отстранат сите новововедени тарифни бариери за производите, а кои се воспоставени оваа година, како дел од трговската војна. Во тој период, Кина ги зголеми царинските стапки од 15% на 40%. Одлуката за суспендирање на примената на претходните повисоки царински стапки ќе биде на сила до крајот на март следната година.
Поинаку кажано, најсреќен за овие вести е американскиот претседател Доналд Трамп, кој своите емоции веднаш ги споделува со светот преку својата омилена социјална мрежа – Twitter.
„Кина само што го обелодени бавниот економски раст, што го савија како резултат на жестоката трговска војна со нас. Само што ја суспендираа понатамошната примена на повисоките царински стапки за американските производи“, напиша Трамп и дополнува: „Америка одлично се држи. Кина сега сака да постигне голем и сеопфатен договор. Тоа може да се случи во многу блиска иднина!”
Кратко време по објавата на кинеските власти, американски производител Tesla најави дека пристапува кон намалување на цената на своите електрични возила со ознаки Model Ѕ и Model X, кој ќе се продаваат во Кина.
„Ова е одличен сигнал за економијата. Кина и Америка се на пат кон надминување на трговските несогласувања“, вели Ванг Чун, директор на кинеската асоцијација на дилери на автомобили. „Сега, повторно ќе почне да се увезуваат поголеми количини на автомобили од Америка“.
Џо Хинрич, претседател на глобалното деловно работење на Ford Motor Co, ја поздрави одлуката на Пекинг, посочувајќи дека американските производители извезувале околу 50.000 возила во Кина само минатата година. Од друга страна, од Кина кон Америка тргнале 53.300 возила, додека Кина увезла возила од американско производство (не само од американските производители како што е посочено погоре) во обем од околу 280.208 примероци.
„Ги поддржуваме заедничките напори на двете влади за ублажување на трговските бариери преку конструктивни разговори и отворени пазари“, вели Хинрич. Брза била и реакцијата на берзите и цената на акциите на Ford пораснала за 2%, веднаш по вестите од Пекинг.
Како што е познато, во јули, Кина ја зголеми царинската стапка за возила и компоненти од американско производство на 27,5%, а по повлекувањето на одлуката за зголемување на стапките на царина, аналитичарите и производителите на автомобили не очекуваат експресен одговор на американската администрација.
Во првите единаесет месеци од оваа година, во Кина се произведени 25,3 милиони возила, што е за 2,6% помалку споредбено со истиот период претходната година.
Ванг Чунг вели дека производителите на автомобили кои возилата во Кина ги увезуваат од САД, доживеале пад на активноста за 30% во првите десет месеци од тековната година, но тие веројатно ќе се вратат на нивото пред ескалацијата на трговски тензии.
Германскиот производител на автомобили BMW го поздрави привременото намалување на царинските стапки, додавајќи дека разговорите со кинеските партнери се во тек за тоа како да продолжи понатаму во оваа ситуација.
Финансиските ефекти кои се однесуваат на бизнисот на BMW Group, а настанати како директна последица од трговската војна, од компанијата биле проценети на речиси 300 милиони евра, објави компанијата од Минхен.