Kia за прв пат ќе настапи на Goodwood Festival of Speed
Прославувајќи го првиот настап на Kia на Фестивалот на брзина – Гудвуд (Goodwood Festival of Speed), брендот ќе го изложи својот нов електричен автомобил, Kia EV6, како и сензационалниот Stinger со ознака GT420
Бидејќи ова е еден од најголемите и најдобрите настани за автомобилскиот свет, оваа година тој ќе трае четири дена, односно ќе се одржи од четврток 8 до недела 11 јули, а ќе се појават низа од најретките, најновите и најегзотични возила некогаш создадени.
Со своето јавно деби во Велика Британија, Kia EV6 треба да ја потресе „Електрична авенија – Патот до 2030 година“ (Electric Avenue – The Road To 2030), нова изложба што е создадена за да се прикаже широкиот спектар на електрични возила достапни сега или во блиска иднина.
Моделот EV6 е првата Kia која се базира на револуционерната платформа E-GMP (електрична-глобална модуларна платформа) и се напојува исклучиво од електрична енергија. Одликувајќи се со пакет батерии од 77,4 kWh и 800V полнење како стандард, EV6 ветува автономија до 508 километри. Спринтот до „стотка“ на моделот е 3,5 секунди.
Придружник на EV6 на настанот ќе биде и моделот Stinger со ознака GT420, кој ќе биде прикажан во First Glance Paddock. Овој уникатен примерок располага со 422 КС и 560 Nm вртежен момент од неговиот надграден 3.3-литарски V6 мотор со два турбо полначи. На патека има импресивни резултати, како резултат на прилагодено подесување на суспензијата, значително намалената тежина и подобрените сопирачки Brembo.