Kia ќе инвестира 25 милијарди американски долари во електрични возила и автопилот систем
До 2025 година, компанијата ќе понуди 11 целосно електрични модели
Kia го претстави својот нов глобален план за развој, кој предвидува големи инвестиции во нови технологии за електрични возила и автономно движење.
Според новата стратегија, корејскиот производител ќе лансира 11 електрични возила до 2025 година, што треба да осигура околу 6,6% од вкупната продажба на марката. Ова значи дека Kia планира годишно да продава над 500.000 електрични возила. Ако се додадат хибридите, целта е уште поголема – 1 милион единици годишно.
Корејскиот автомобилски производител се потпира главно на пазарите во развиените земји, додека на останатите електричните модели ќе бидат понудени селективно. На овие пазари, Kia ќе продолжи да се потпира на моделите со мотори со внатрешно согорување.
Друга област во фокусот на марката ќе биде проширувањето на мобилните услуги во големите мегаполиси и развојот на автономни системи за сообраќај.
Вкупната инвестиција на Kia во програмата е 25 милијарди долари. Оперативната добивка се очекува да биде најмалку 6%, а имплементацијата на овој план треба да започне во втората половина на 2020 година.