
Казни од сите страни, а тие со нов продажен рекорд во 2018 година
Последиците од Dieselgate се уште го тресат Volkswagen, но тоа не е причина германскиот производител да не продолжи да бележи рекорди по однос на продажбата
И покрај големите финансиски трошоци по основ казни по дизел аферата, Volkswagen во првите три месеци од 2018 година бележи раст на продажбата од 5,9% во споредба со истиот период од претходната година.
Од почетокот на јануари, заклучно со крајот на март, германската марка испорачала 1,53 милиони автомобили на глобално ниво, што претставува нов квартален рекорд.
Соборен е уште еден рекорд, а тој се однесува на продажбата во месец март кога биле продадени 584.700 автомобили (зголемување од 4.9% во споредба со истиот месец од 2017 година).
Најголем пораст на побарувачката е забележан во Кина, каде што растот во периодот јануари-март 2018 година изнесува 8,6% во споредба со истиот квартал од претходната година.
Проблем за Volkswagen останува домашниот, германски пазар, на кој продажбата во првите три месеци од тековната година се намалила за 0,8%.