Како и што беше наговестено порано оваа недела, досегашниот прв човек на брендот Volkswagen, ќе го преземе кормилото и раководењето на групацијата VW од Матијас Милер, што е дел од напорите на компанијата да ги намали трошоците и да се реорганизира начинот на кој кој функционираат 12 марки под капата на конгломератот

Компанијата преку соопштение објави дека ќе се креираат шест нови бизнис ентитети и посебен ресор задолжен за Кина, која е најголем пазар за групата, а марките ќе бидат поделени во три нови групи на возила: value, premium и super-premium.

Според информациите, челниците на Volkswagen го менуваат Милер поради тоа што не му успеало да го рефокусира портфолиото на автомобилските брендови во рамките на групата, што е клучен столб на „Стратегијата 2025“, која има за цел компанијата да ја позиционира на водечката позиција кога станува збор за алтернативни, чисти погони, по дизел скандалот од 2015 година.

Дис, сегашниот шеф на брендот Volkswagen, исто така, ќе биде задолжен за надгледување на секторот за истражување и развој на VW групата, како и одделението Vehicle IT задолжено за дигитална технологија.

Милер, кој беше на функцијата извршен директор помалку од три години, својата позиција ја напушта веднаш.

Назначувањето на Херберт Дис би требало да биде клучно во враќање на довербата на инвеститорите, а неговиот ангажман во почетокот ќе биде оценуван на основа на тоа дали може реформата во Volkswagen да ја пренесе и на останатите 12 брендови и нивна подготовка за новата ера, која подразбира автомобили со погон на батерии и автономно возење.

Како потсетување, Дис, поранешниот функционер на BMW, на VW групата се приклучи само неколку месеци пред избувнувањето на дизел скандалот.

„Мојата најважна задача сега ќе биде да се поврземе со нашиот менаџерски тим и работната сила на групата за да тргнеме напред и да еволуираме во профитабилен, водечки светски провајдер на одржлив транспорт”, вели Dis.

Иако некои специфични детали сеуште не се достапни, барем не до денешната официјална прес конференција, познато е дека Руперт Штадлер, претседателот на Audi, ќе биде одговорен за комплетната продажба на групата VW, додека Оливер Блум, човекот број еден во Porsche, ќе биде одговорен за производство во рамките на групата и ќе се приклучи на одборот на директори.