Катализаторите како мета на крадците – најмногу страдаат јапонските хибридни возила
Бројот на кражби на катализатори во Англија е во пораст, и тие претежно се дело на источноевропски банди
Катализаторот во издувниот систем ја игра улогата на прочистувач на штетните гасови пред истите да бидат испуштени од ауспухот. Најчесто крадците делуваат директно отстранувајќи го делот под автомобилот, но има и случаи кога возилото прво го превртуваат на страна, со цел полесно да пристапат до катализаторот, пишува британскиот Daily Mail, кој направил истражување кои брендови и модели се најмногу на удар на крадците. Како што се наведува, станува збор за Toyota Prius и хибридните верзии на Honda Jazz, Lexus RX и Toyota Auris.
Имено, катализаторите на овие автомобили содржат повеќе поретки метали во споредба со моделите на другите производители и затоа се поисплатливи за крадците. Исто така, овие катализатори се често помалку кородирани затоа што се користат поретко.
Минатата година, бројот на кражби на овој автомобилски дел во Англија се зголемил дури шест пати во споредба со 2018. Така, во 2019 година, полицијата регистрирала 13.000 случаи на кражба на катализатори. Бројот на кражби оваа година по воведувањето на строги ограничувања на движењето поради пандемијата на коронавирус опаднал, но повторно се зголемил нагло кога се олеснети мерките.
Според Daily Mail, кражбите претежно ги вршат источноевропски банди кои добиваат од 50 до 100 евра по катализатор. Оние кои ги откупуваат се особено заинтересирани за тенкиот слој на платина и паладиум. Овие скапоцени метали вредат многу пари. Цената на еден килограм паладиум е зголемена за четири пати за пет години и сега изнесува околу 55.000 евра. Катализаторите содржат и злато и родиум.