Според зборовите на првиот човек на групацијата PSA, Карлос Таварез, германскиот бренд веќе догодина ќе постигне значителен раст на продажбата и ќе заземе поголем удел на пазарот

Таварез очекува Opel да оствари значителен пад на продажбата оваа година. Ова е резултат, како што вели, не само на пандемијата на коронавирус, туку и на застарениот опсег на оваа марка, како и процесот на освежување и промена на портфолиото. Новитетите кои наскоро ќе пристигнат на пазарот, како во конвенционалните така и во електричните изданија, ќе донесат вистински пресврт дури следната година.

Шефот на француската група исто така ја критикува врската на Opel со General Motors, која ја нарекува товар.

„Opel треба да се ослободи од сите спреги со General Motors и целосно да се префрли на технологијата на PSA. Само тогаш ќе се покаже целиот потенцијал на овој бренд“, вели Карлос Таварез.

Во текот на јуни, Opel во Европа и Vauxhall во Велика Британија, продале вкупно 42.582 автомобили, што одговара на удел во пазарот од 3,84%. Лош резултат за германскиот производител, што го истакнува и самиот Таварез, но верува дека најлошото за Opel допрва доаѓа оваа година. Во првата половина од годинава продажбата падна за скоро 50%, а испорачани се вкупно 266.111 автомобили.

Таварез ги истакнува добрите продажни резултати на новата генерација на Corsa, што во суштина е препакуван Peugeot 208. Од преземањето на PSA, Opel стави крај на неколку модели, како што се: Zafira, Meriva, Cascada, Karl и Adam.

Германскиот бренд има особено големи очекувања од новата Mokka, која наскоро ќе пристигне на пазарот. Овој мал SUV треба да биде вистинска пресвртница за Opel, и бидејќи ќе понуди и целосно електрична варијанта, нема сомнение дека производителот од Риселхајм ќе може да привлече клиенти кои сакаат возило со нулта емисија.

И покрај сите тешкотии и падот на продажбата, Opel сепак успеал да оствари профит од 110 милиони евра во првото полугодие. Ова покажува дека Таварез и неговото раководство многу добро знаат што прават со овој бренд.