Калифорнија започнува со експериментална употреба на дигитални регистарски таблички
Возачите во Калифорнија добиваат можност да поседуваат дигитални таблички за нивните возила, но не се очекува голем број на заинтересирани за оваа опција
Според американските медиуми, новите дигитални таблички ќе имаат висока цена. Почетната или набавна цена е 699 американски долари, со дополнителна месечна претплата од 7 долари.
Табличките се развиени од страна на компанијата Reviver Auto и поседуваат електронски дисплеј, кој бара значително помалку енергија отколку, на пример, LED или OLED екраните, а произведува слика која е лесно видлива дури и при убав сончев ден.
Дигиталните таблички на Reviver Auto имаат своја батерија (акумулатор), процесорска единица, GPS приемник, како и можност за безжично поврзување. Последниот споменат систем овозможува обновување на регистрацијата, без одење во полиција, или користење на етикети за регистрација.
Ако се случи автомобил опремен со ваква табличка да биде украден, на неа се појавува натпис „украден“, што ја олеснува работата на полицијата, особено поради тоа што возилото може да се следи. Ако крадците ги отстранат дигиталните таблички од возилото, полицијата барем ќе има информации за локацијата каде што се случило ова дело.
Кога возилото е паркирано, информациите за регистрацијата на возилот се поместуваат во горниот десен агол, притоа ослободувајќи место за разни видови на пораки (известување за сообраќајот или рекламни пораки). За разлика од конвенционалните таблички, дигиталните се достапни само преку мрежата на продажни салони, и не може да се купат во специјализирани продавници или на бензински пумпи.
Во текот на експерименталниот период, дигиталните таблички може да ги користат само половина процент од флотата на возила во Калифорнија. Во апсолутни бројки, тоа е околу 175.000 автомобили. Иако во моментов, во употреба се само 116 од овие напредни таблички, од Reviver Auto соопштуваат дека очекуваат илјада возила со дигитални таблички.
Градот Сакраменто за тестирање добил 24 дигитални таблички, па сега има проблеми да им објасни на претставниците на работничкиот синдикат дека истите нема да се користат за следење на активностите на работната сила во текот на денот.
Потсетување дека во Дубаи, исто така, е во тек експериментален период за тестирање на слични дигитални таблички.