Стандардните краш-тестови го покажуваат нивото на безбедност на новите автомобили штотуку излезени на пазарот. Но, што се случува со истите автомобили откако тие се возат 10 години или повеќе?

На прашањето се обидува да даде одговор шведската осигурителна компанија Folksam, која заедно со едно од здруженијата на потрошувачи во оваа земја спровела серија тестови за безбедност на постари автомобили.

За експериментот биле купени неколку автомобили од два популарни модели, чија старост е над 10 години. Станува збор за петтата генерација на Volkswagen Golf (2003-2008), како и Mazda 6 во седан и караван верзија од првата генерација произведувани во истиот период. Задолжителен услов бил автомобилите да имаат ‘рѓа на каросеријата.

Тестовите ги извршила британската лабораторија Thatcham по методологија на Euro NCAP, но не во сегашната варијанта, туку според барањата кои важеле за годината кога автоомобилите се произведувани. Автомобилите се тестирани на удар во бариера со покриеност од 40%, страничен удар и удар во столб.

Старите Golf модели си ја оправдале нивната слава со тоа што се доволно силни за да ги издржат сите тестови. И нивните воздушни перничиња работеле непречено. Вкупниот резултат на моделот е 32 поени, што е само поен помалку од резултатот на Euro NCAP-тестот во 2004 година. Доколку овој резултат се претвори во ѕвездички, сепак не е максимум 5, туку само 4.

Со Mazda 6 работите не се такви. Корозијата на каросеријата сериозно ја менува распределбата на оптоварувањето при страничен краш-тест, па така деформацијата од ударот се покажала значително поголема од онаа постигната на Euro NCAP тестовите во 2003 година. Најсериозно е зајакнат притисокот врз градите на возачот и неговиот совозач.

Рѓата не влијае на резултатите при фронтален удар и тука јапонскиот автомобили се справува како да е нов. На крајот, Mazda 6 добила 18 поени наспроти 26 за новиот автомобил пред 15 години. Соодветно во ѕвездички тоа е 3 наместо 4, а експертите од Folksam се на мислење дека при несреќа со таков автомобил веројатноста за смртен случај е за 20% повисока.

Сепак, треба да се забележи дека овие испитувања не може да се сметаат за целосно точни, бидејќи секој стар автомобил има свои особености и невозможно е да се најдат две машини кои се рѓосани на исто место и на ист начин, така што резултатите од краш-тестовите зависат целосно од состојбата на конкретниот примерок.