Како ќе изгледаат автомобилите во иднината? Amazon и Stellantis започнуваат соработка
Ако се прашувате како ќе изгледаат автомобилите во иднината, се чини дека Amazon и Stellantis го имаат одговорот
Групацијата Stellantis и американскиот технолошки гигант Amazon развиваат софтвер за возила. Целта е да се користи дигиталниот асистент на Amazon (Alexa) во автомобилите, вклучително и моделите од брендовите Jeep и Ram.
Платформата ќе вклучува апликации кои поддржуваат вештачка интелигенција за забава, навигација, одржување на возилата и услуги за плаќање.
Stellantis, која има брендови како Fiat, Peugeot, Citroen и Chrysler под свое, ќе ги користи и онлајн услугите на Amazon (AWS), вклучително и развој на производи.
Ова партнерство е уште една во низата растечки соработки бидејќи производителите на автомобили бараат помош од технолошките гиганти. Така Ford и Renault објавија партнерство со Google минатата година, додека Microsoft се здружи со Volkswagen и General Motors.
Stellantis моментално го снабдува Amazon со возила кои овој интернет трговец ги користи за развој на свои услуги за испорака. Според договорот за партнерство, Amazon ќе биде првиот комерцијален купувач на новото електрично возило Ram ProMaster кое Stellantis ќе го лансира следната година.
Според сегашните планови, Stellantis ќе инвестира 30 милијарди евра во електрични возила до 2025 година, а до 20 отсто од средствата ќе бидат наменети за развој на софтвер.