Opel го очекува многу возбудлив период

Производителот од Риселсхајм измина долг пат за кратко време, од целосен губитник до профитабилен бренд. Се тоа се случи откако групацијата PSA го презеде Opel и започна со преструктуирање на компанијата. Гамата на оваа марка значително се промени во претходните години, но она што следува се дефинитивно уште поголеми промени.

Opel веќе објави дека во 2028 година ќе нуди само EV модели, што значи дека во наредните години ќе видиме голем број нови електрични возила од оваа марка. Неодамна Германците ја претставија новата генерација на Astra, која се очекува да добие електрично издание за време на нејзиниот животен циклус.

Заедно со Corsa, Astra ќе биде еден од столбовите на продажбата на Opel во Европа. Зборувајќи за Corsa, овој хечбек се очекува да помине низ процес на рестилизација следната година. Се верува дека адутот од Б сегментот ќе го добие новиот Vizor лик на предницата, кој инаку стана заштитен знак на модерните автомобили на Opel. Покрај тоа, електричното издание на Corsa треба да добие поголема батерија и помоќен мотор.

Караванската варијанта на Astra ќе пристигне следната година, што дополнително треба да ги зајакне испораките на овој модел. Opel Insignia очигледно нема да добие нова генерација, но Германците нема да се повлечат од сегментот Д. Сеуште не е познато дали Opel ќе остане верен на седаните, но се зборува за нудење некаква алтернатива на традиционалниот седан во оваа класа.

Citroen веќе направи такво нешто со новиот C5, па можно е и германската марка да тргне по овој пат. Во секој случај, наследникот на Insignia се очекува да излезе на пазарот во 2023 година, или најдоцна во 2024 година.

Друга многу возбудлива новина е Manta. Легендарниот модел се враќа на сцената, но овој пат како електричен автомобил, а Opel веќе објави дека батериската Manta ќе биде достапна за европските клиенти од 2025 година.

Германскиот бренд неодамна доби нов извршен директор. Тоа е Уве Хохгешурц, човекот кој досега ја водеше филијалата на Renault во Германија. На Хохгешурц му беше дадена тешка и амбициозна задача да го воведе Opel во новата ера.