Првиот електричен кросовер на Ford ќе има автономија до 600 км со полни батерии

Европската верзија на електричниот Mustang Mach-E, е претставена во Лондон, како дел од настанот на Ford под името „Go Electric“.

Како што велат во Ford, европскиот Mach-E има специјално прилагодена суспензија, управувачки ESC систем и погон на сите тркала (во верзијата која го има), со цел да им одговара на клиентите на Стариот континент кои имаат различен стил на возење и се движат по различни патишта во споредба со американските.

Во верзијата со продолжена автономија, истата изнесува и до 600 км, мерена според стандардот WLTP, велат од производителот.

Батериите поддржуваат брзо полнење, така што на полнач на IONITY од 150 kW тие можат да се дополнат за само 10 минути за возачот да може да помине уште 93 километри.

Според Ford, најпопуларната варијанта на Mach-E е верзијата со заден погон и продолжена автономија на возење.

Според нивните податоци, дури 85% од потенцијалните клиенти изразиле интерес за оваа опција. Цените и другите детали за моделот за европскиот пазар допрва треба да бидат објавени.

Инаку, во САД, Mustang Mach-E се нуди во пет верзии, со почетна цена од 43.895 долари, без субвенции. Основниот модел со заден погон има батерија од 75,7 kWh, 258 КС (190 kW) и автономија од околу 370 км.

На спротивната страна на понудата е врвната GT варијанта чија цена започнува од 60.500 долари. Овој модел има движечка автономија од околу 378 km и моќност од 465 КС (342 kW) и 830 Nm. Забрзувањето од 0-96 km/h изнесува околу 3,5 секунди.

Погледот во салонот на електричниот кросовер на Ford открива дека во него доминира голем, мултимедијален 15,5-инчен екран (како таблет), сличен на некои модели на Tesla, преку кој се подесуваат разни контроли и функции во автомобилот.

Ова е најновата генерација на мултимедијалниот систем SYNC на Ford, кој поддржува и говорни команди.