Како да го подготвите автомобилот за зимски услови?
Иако прилично топлото време, невообичаено за октомври и ноември, можеби и ни одговара на сите нас, зимата полека но сигурно доаѓа
Температурите се се пониски, барем во утринските и вечерните часови, така што и автомобилите треба постепено да се подготват за зимата.
Веќе е на сила законот за носење на зимска опрема, вклучително и гумите, кои реално, ако го тргнеме на страна законот, со оглед на условите и не се потребни. Како и да е, додека се приближуваме до периодот кога просечната дневна температура ќе биде под 10 степени, секој што не ги заменил летните гуми, може и треба да го стори тоа.
Клучни детали на кои треба да обрнете внимание пред целосно да залади, покрај зимската опрема се и течностите и оптиката.
Проверете го нивото на течноста за ладење (антифриз) во вашиот автомобил и преминете на зимска течност за миење на шофершајбната.
Подгответе се за минусните температури со премачкување на кедерите на вратите, препорачливо со глицерин.
Темелно исчистете ги предните фарови, ако е можно и исполирајте ги, а ако е потребно, променете ги некои од светилките.
Кога ќе променат условите на патот, кога патот е влажен и температурите се пониски, секако дека треба, ако е потребно, да го промените и вашиот стил на возење.
Првенствено, што помалку користете го педалот за сопирачките, а повеќе вашиот мотор при забавување, бидејќи е многу побезбедно, особено во свиоците.
Бидете особено внимателни кога возите во раните утрински часови и доцна навечер, затоа што кога ќе се стемни, условите на патот може да се променат за многу кратко време, па затоа бидете внимателни во тие периоди од денот. За време на зимските ноќи, дури и без врнежи, постои можност за формирање на тенок слој мраз при ниски температури.
Ако имате повеќегодишен акумулатор, препорачливо е да го проверите и дополните, и за секој случај со себе во автомобилот да имате кабли за палење на моторот.
Ако често одите по планински делови, без разлика дали вашите гуми се нови и шарата е длабока, носете соодветни ланци со себе. Во некои области, неопходна е и другата зимска опрема.
Не брзајте, најважно е да стигнете таму каде што сте тргнале. Следете ги правилата, возете внимателно и … Среќен пат!