По минатогодишното лансирање на концептниот прототип, Nissan конечно објави фотографии од сериската верзија на јубилејниот модел GT-R50

Зад дизајнот на ова лимитирано издание, со кое се одбележува 50-годишнината од првиот модел (Skyline), како потписник стои студиото Italdesign.

Според добро упатени извори, оваа верзија претставува и увертира во следната генерација на GT-R, а своето деби пред публика ќе го има во март на Саемот за автомобили во Женева.

Купе моделот е заснован на моделот GT-R Nismo и се напојува со 3.8-литарски V6 мотор кој развива 710 КС и 780 Nm максимален вртежен момент со два турбополначи. Моќта се пренесува на двете оски преку 6-степен автоматски менувач со двојна спојка.

GT-R50 Italdesign ќе стигне до само 50 среќни луѓе кои можат да потрошат по 1.120.000 американски долари.

Nissan на истите ќе им понуди и можност да ги персонализираат своите автомобили, а испораките ќе започнат кон средината на следната година.