Одржливиот транспорт, од јавен превоз до велосипеди, може да ги замени автомобилите во најголемите градови во светот, покажува една студија објавена деновиве

Возењето во приватни автомобили ќе се намали во просек за 10 проценти до 2030 година, додека јавниот превоз, пешачењето и велосипедизмот ќе стануваат се попопуларни, се вели во студијата за мобилност во иднина.

„Задачата на секој градоначалник и градска власт е да стори нешто“, вели Ролф Кулен од консултантската фирма Kantar која стои зад студијата, која опфаќа 31 град.

Повеќе од половина од населението живее во градовите и се очекува овој број да се искачи на скоро 70 проценти до 2050 година. Многу градски власти кои се борат со сообраќајниот хаос во центарот на градовите и загадувањето на воздухот сакаат да го намалат транспортот со автомобили, а изнајмувањето велосипеди и помали електрични возила им обезбедува на жителите нови начини на транспорт, се вели во студијата.

Патувањата со приватни автомобили во моментов учествуваат со повеќе од половина од сите патувања во поголемите градови, но ќе паднат до 46 проценти до 2030 година, според истражувачите кои анкетирале повеќе од 200.000 жители од Њујорк до Најроби.

Во истиот период, јавниот превоз, велосипедизмот или пешачењето ќе учествуваат со 49 проценти од градскиот сообраќај, создавајќи глобален „премин“ кон одржливо патување, велат експертите.

Околу 40 проценти од луѓето ширум светот се отворени за нови форми на патување, а градовите треба да инвестираат во технологија за да овозможат промена кон позелен транспорт, се вели во студијата. Наведено е дека зголемувањето на информираноста на граѓаните за загадувањето и застојот предизвикан од автомобилите помогнал да се придвижат промените.