Главниот доктор на Jaguar со совети како треба да се седи зад воланот

Британската компанија Jaguar објави корисно видео на својот YouTube канал, во кое ја објаснува оптималната позиција на возачот во автомобилот. Тоа е потребно не само за удобност, туку исто така ја оптимизира и безбедноста на управувањето и контролата на возилото.

Видеото е придружено со објаснување од д-р Стив Ајтли, главен лекар во Jaguar, кој посочува како точно возачот треба да седи за да патувањето биде поудобно и побезбедно. Дури и ако мислите дека сте задоволни со автомобилот што го возите, видеото вреди да се погледне.

Првиот совет е многу едноставен, но веројатно ќе изненади многу. Мора да извадите сè што имате во џебовите, бидејќи тоа влијае на вашата позиција зад воланот. Ова сигурно нема да ви биде проблем, бидејќи повеќето современи автомобили имаат доволно простор за личните работи што секој ги носи секојдневно.

Исто така, возачот мора да се осигури дека грбот му е исправен и се наоѓа нормално во однот на шасијата на автомобилот, целосно допирајќи го седиштето. Дополнително, вратот треба да биде исправен, а колената и лактовите малку преклопени за да се олесни управувањето со педалите и воланот. Кога го вртите воланот, рамената мора да го допираат потпирачот за грб.

Според д-р Ајтли, имплементацијата на овие препораки ќе ви помогне сериозно да ја подобрите контролата над возилото, удобноста при патувањето и да се здобиете со уште поголема самодоверба зад воланот.