Jaguar без премиери до 2025 година, а потоа…
Секако, тоа се планови и добри желби за иднината на островскиот бренд
Според францускиот дневен весник Le Monde, британскиот бренд Jaguar не планира да лансира новина пред 2025 година. Сепак, откако ќе заврши овој период на затишје, менаџментот има намера да го направи брендот целосно посветен на чисто електрични модели, во обид гамата според имиџот да се приближи до брендовите како Aston Martin или Bentley.
Слична приказна можеше да се слушне од Тиери Болоре од позицијата извршен директор на Jaguar Land Rover, на почетокот на оваа година кога зборуваше за плановите за позиционирање на брендот Jaguar, една октава повисоко од сегашната класа на која припаѓа брендот.
„Ќе почнеме да ја репозиционираме марката Jaguar“, рече тогаш Болоре. „SUV сегментот ќе го покрива Land Rover, додека Jaguar ќе биде нешто друго. Многу различно“.
Компанијата има намера да инвестира 2,5 милијарди британски фунти во развој на електрични возила, поточно во платформа која ќе биде во служба на Jaguar. Новите модели очигледно ќе изгледаат поинаку од сегашниот корпоративен стил на марката. „Уживам во помислата да им помогнам на другите колеги од Jaguar да се обидат да го вратат брендот таму каде што му е местото“, вели Џери Мекговерн, второ позиционираниот извршен директор на компанијата.
За сериозноста на плановите на Jaguar говори и фактот што има откажување и прекин на понатамошните активности на моделите кои веќе донекаде напреднале во развојот. На пример, новиот XJ изгледаше како речиси завршен проект, но Jaguar сепак реши да се откаже од промоцијата на овој седан.
Дополнително, компанијата во финансиските извештаи ја расходувала инвестицијата од околу 1,4 милијарди долари во развој на платформата MLA, бидејќи тоа не е архитектура што ќе и овозможи на компанијата да се усогласи со новите регулативи за емисии. На овој начин му е пресудено и на проектот за развој на моделот J-Pace.
Според извештаите што ги објавија угледните медиуми, новата гама ќе вклучува само еден кросовер што ќе го замени моделот I-Pace, додека F-Pace и E-Pace ќе бидат елиминирани од понатамошните понуди, како жртви на најновата одлука за реструктуирање на брендот.
Le Monde исто така пренесува дека Jaguar постепено ќе ја гаси понудата на актуелните модели со укинување на различните модификации со бавно темпо и скратување на листата на достапна опрема. Планот предвидува и намалување на бројот на вработени и намалување на трошоците. Идејата е до 2026 година производствениот капацитет на Jaguar да биде четвртина поскромен од сегашниот.