Извештајот на Обединетите нации заснован на анализа на состојбата во 146 земји укажува на поврзаност помеѓу загадувањето на воздухот и увозот на користени автомобили.

UNEP (United Nations Environment Programme) наведува дека користените автомобили значително го загадуваат воздухот и придонесуваат за климатските промени. Во извештајот се наведува дека од 2015 до 2018 година, ширум светот се извезени повеќе од 14 милиони користени автомобили. Повеќето од овие возила се со слаб квалитет и завршиле во земјите од третиот свет. Регионите од кои најчесто се извезуваат користени автомобили се Европа, САД и Јапонија.

Обединетите нации наведуваат дека околу 80% од извезените половни автомобили завршиле во сиромашни земји, повеќето од нив во Африка. Во повеќето земји кои примаат такви користени возила, не постојат правила во врска со емисијата на штетни гасови.

На глобално ниво, се проценува дека транспортниот сектор е одговорен за една четвртина од емисиите на стакленички гасови. Понатаму, користените автомобили често испуштаат големи количини на азотни оксиди, што е особено опасно во урбаните области.

Извештајот на UNEP повикува на создавање нови правила во врска со увозот на користени автомобили на глобално ниво и мора да се воведат задолжителни минимални стандарди за квалитет што ќе се применуваат на општо ниво, а не само за најразвиените земји или региони во светот.

Директорот на UNEP, Ингер Андерсен, извозот на стари користени возила од богатите земји во оние во развој го нарекува „извоз на штетни гасови“. 

„Развиените земји мора да престанат да извезуваат автомобили што се сметаат за небезбедни и застарени, додека оние кои увезуваат мораат да применуваат построги стандарди при влегувањето на возилата, за да се осигурат дека исполнуваат барем минимум кога станува збор за емисиите. “, вели Андерсен.

Африка е локацијата каде завршуваат дури 40% од вкупниот број извезени користени автомобили, дополнителни 24% одат во источноевропските земји меѓу кои и Македонија, 15% одат во Азија, Блискиот исток станува дом на 12% и 9% оди во Латинска Америка.

UNEP посочува дека некои африкански земји започнале да спроведуваат нови регулативи во врска со увозот на користени возила. Тие земји се Брегот на Слоновата Коска, Мароко, Алжир, Гана и Маурициус.