Италија донесе декрет со кој се одобрува државна гаранција за заем во висина од 6,3 милијарди евра на италијанската единица од групацијата FCA, пренесува Reuters

Според неименуван извор на Reuters, италијанскиот ревизорски суд донел таква одлука на крајот од долгата постапка во која се оспорувало одобрувањето на кредитните гаранции.

Одобрувањето на судот уследило по претходна согласност на Министерството за економија.

Заемот на италијанскиот дел од FCA ќе го одобри банката Inteza Sanpaolo, која ги прифатила државните гаранции, при што 80 проценти од износот на заемот ќе биде обезбеден преку извозно-кредитната агенција SACE.

Инаку барањето на Fiat за државна поддршка во Италија предизвика многу контроверзи, бидејќи FCA работи на спојување со францускиот конкурент Peugeot Citroen (PSA), а притоа италијанско-американскиот производител на автомобили е регистриран во Холандија. Глобалните брендови на FCA ги вклучуваат Fiat, Jeep, Dodge и Maserati.

Сè уште не се знае какви услови, доколку ги има, Италија поставила за давање на гаранциите и дали тоа ќе влијае на планираната вонредна дивиденда на FCA од 5,5 милијарди евра, што е клучен елемент во спојувањето со PSA, пренесува Reuters.

FiatChrysler, чии акции вчера паднаа за 0,5 проценти, во моментов нема коментари во врска со информациите за гаранциите.