Од норвешката компанија Havila Kystruten велат дека нивните бродови не се опремени да ги гаснат запалените литиум-јонски батерии на море

Дебатата трае веќе некое време, а главното прашање е – дали електричните автомобили на траекти и бродови се опасни, за сега бродска компанија да го направи и првиот потег во однос на тоа. Станува збор за транспортната компанија Havila Kystruten од Норвешка, нордиска земја каде дури 80 отсто од новите продадени автомобили се електрични.

Но, компанијата штотуку го забрани транспортот на електрични автомобили, хибриди и возила со водород на своите траекти. Инаку, тие сообраќаат на популарната туристичка рута од Киркенес до Берген.

Причината наведена од бродската компанија е дека пожарот на бродот би подразбирал особено сложена спасувачка операција, за која екипажот не е обучен. Причината за ваква забрана очигледно е пожарот и потонувањето на автомобилскиот транспортер Felicity Ace на почетокот од 2022 година.

Брод натоварен со неколку илјади возила од групацијата VW на пат кон САД потона кај Азорските Острови, а причината можеби била запалување на електрични автомобили. Во принцип, електричните возила не претставуваат поголем ризик за пожар од автомобилите со мотори со внатрешно согорување. но тие горат поинаку и потешко се гасат.

Згора на тоа, потребна е значително поголема количина на вода за гаснење. Ако запалено возило на бензин или дизел може да се изгасне со 1600 до 2000 литри вода, за пожар на електричен автомобил често се потребни до 11.000 литри – главно за ладење на запалената батерија. Тоа се напори кои тешко можат да се надминат на брод, а нема ни соодветна опрема во резерва за вакви случаи.

„Знаеме колку е важен транспортот на возила за луѓето долж брегот и за патниците, но одлуката се заснова на нашата безбедносна проценка. Заклучокот од анализата за ризик покажува дека евентуалните пожари во возилата напојувани од фосилни горива би можеле да се решат со системите и екипажот што го имаме на бродот“, вели Бент Мартини, директор на компанијата и додава: „Евентуален пожар на електрични, хибридни или водородни автомобили ќе бара надворешни спасувачки напори и може да ги загрози луѓето на бродот и самиот брод“.

До сега, бродската компанија Havila Kystruten е единствена која се изјаснила за забрана на електрични автомобили на бродовите, а се уште не е познато дали другите даватели на траект услуги ќе го следат примерот.

Од друга страна, додека Havila Kystruten забранува електрични автомобили, бродската компанија TT-Line, која го минува Балтичкото Море меѓу Шведска, Литванија, Полска и Германија, зазема сосема спротивен пристап и инсталира станици за полнење на електрични возила на своите бродови. Таканаречените „Зелени бродови“ на TT-Line се опремени со 32 wallbox полначи за електрични автомобили со еднонасочна струја од 40 kW или наизменична струја од 11 kW. 

Чиј пристап е правилен, на крајот, како и секогаш, времето ќе покаже…