Илон Маск ги сака сите 100 проценти од акциите на Twitter
Американскиот милијардер и извршен директор на Tesla, Илон Маск, нуди 41,4 милијарди долари за да го купи Twitter.
Понудата на Маск е 54,20 долари по акција. Тој напишал писмо до претседателот на Twitter, Брет Тејлор, велејќи дека неговата понуда е конечна.
„Инвестирав во Twitter бидејќи верувам во неговиот потенцијал да биде платформа за слобода на говор ширум светот и верувам дека слободата на говорот е социјален императив за функционална демократија“, вели Маск во писмото, пренесено од Yahoo Finance.
Маск, кој неодамна купи 9,2 отсто од Twitter, вели дека во меѓувреме сфатил дека компанијата ниту ќе напредува, ниту ќе му служи на овој социјален императив во сегашната форма. Според него, Twitter треба да се трансформира во приватна компанија.
„Како резултат на тоа, нудам да купам 100 отсто од Twitter за 54,20 долари по акција, со премија од 54 отсто во однос на денот пред да почнам да инвестирам во Twitter и 38 отсто премија во однос на денот пред објавувањето на мојата инвестиција. Мојата понуда е мојата најдобра и последна понуда, а доколку не биде прифатена би морал да ја преиспитам мојата позиција како акционер“, вели Маск.
Маск стана еден од најголемите акционери на Twitter на почетокот на април, откако презеде 9,2 отсто од акциите во компанијата. Вредноста на акциите на Twitter порасна за 26 отсто по веста за инвестицијата на Маск. Неговиот имот на Twitter се проценува на околу 2,89 милијарди долари.