Илон Маск брутално искрен: „Цените на Tesla автомобилите се на срамно високи нивоа“
„Тоа е поради многуте шокови со синџирите на набавка и производството, а тука е и оваа луда инфлација“, напиша Маск
Tesla во последните две години значително ги зголеми цените на своите автомобили. На пример, за само 15 месеци цената на основниот модел во Европа е повисока за повеќе од 20 отсто. Порастот на цените е уште поизразен во САД каде цените се менуваат на речиси неделно ниво. За големото поскапување е свесен и Илон Маск, пренесува Automotive News.
Во неодамнешна изјава, Маск вели дека цените на автомобилите на неговата компанија моментално се на „срамно ниво“.
„Досега ги покачувавме цените на автомобилите повеќе пати. Тие се, да бидам искрен, на срамно ниво. Но, ова се должи на многуте шокови со синџирите на набавка и производството, а тука е и оваа луда инфлација“, напиша Маск.
Во исто време, Маск најави можно намалување на цената во иднина. „Мислам дека инфлацијата ќе се намали до крајот на годината и се надевам, не, ова не е ветување, дека во одреден момент ќе можеме малку да ги намалиме цените“, вели Маск.
Маск исто така истакнува дека Tesla нема проблеми со побарувачката за своите автомобили, туку со производството.
„Ако сега ги намалиме цените, уште повеќе луѓе би порачале автомобили, а тоа би ја влошило ситуацијата“, смета Маск.
Поради проблеми во производството, пик-апот Cybertruck сè уште не е пристигнат на пазарот, а Tesla привремено го стопираше развојот на новиот најевтин модел во гамата.