Идните plug-in хибриди на Mercedes со минимален опсег од 100 km во EV режим
Германската марка посветенo работи на понатамошниот развој на plug-in-хибридната технологија
Многумина plug-in хибридите ги гледаат како среден чекор во преминот кон целосна електрична мобилност. Факт е дека тие имаат свои предности но и недостатоци и бараат специфичен профил на сопственикот со цел најдобро да покажат што можат. Една од најголемите замерки кога станува збор за повеќето модерни plug-in хибриди е премалиот капацитет на батеријата или недоволната автономија само на струја.
Многу современи plug-in хибриди се во состојба да покријат, „на хартија“, околу 50 километри во чисто електричен режим, но не секогаш е така, за што постојат бројни докази.
Затоа во Mercedes се одлучни тоа да го променат. Така, новата генерација на C-Class е достапна со две plug-in-хибридни варијанти – C300e и C300de. Првиот во склоп на хибридниот погонски систем користи бензински мотор, а вториот дизел мотор. И двата хибриди имаат автономија на движење во EV режим од 100 километри.
Ова е очигледно „магичен“ број за производителот од Штутгарт. Еден од високите раководители на германската марка – Маркус Шефер, изјави дека Mercedes нема намера да претстави верзија со помали батерии за овие изданија со цел да бидат поевтини.
„Со автономија од 100 километри во електричен режим, започнува забавата, бидејќи тогаш автомобилот може да се користи на дневна основа, без скоро никакви емисии“, вели Шефер.
Воедно Шефер додава дека Mercedes во иднина нема да нуди plug-in хибриди со помала автономија.