Nissan го прекина производството на автомобили во Русија уште во март оваа година, истакнувајќи дека треба да продолжи во септември

Минатиот месец, сепак, беше објавено дека суспензијата се продолжува до крајот на 2022 година, за сега овој јапонски производител да реши целосно да го напушти рускиот пазар.

Во веста се наведува дека тоа значи дека локалните операции под Nissan Manufacturing Russia LLC (NMGR), за само едно евро ќе бидат продадени на NAMI, Централниот институт за истражување и развој на автомобили и мотори. Ова вклучува не само производствени и истражувачки и развојни капацитети во Санкт Петербург, туку и центарот за продажба и маркетинг во Москва. Тие ќе добијат друго име под нова сопственост.

Продажбата ќе се официјализира во наредните недели, а вработените ќе добијат надомест од 12 месечни плати. Јапонскиот производител на автомобили вели дека ќе има еднократно влијание од околу 100 милијарди јени (686.455.000 долари).

Договорот, исто така, предвидува дека Nissan има опција да откупи сè во следните шест години, за на крајот да се врати во Русија и да ја преземе сопственоста на бизнисот до 2029 година.

Инаку, Nissan почна да произведува автомобили во фабриката во Санкт Петербург во 2009 година, а таму се произведуваа моделите X-Trail, Qashqai и Murano.

„Во име на Nissan, им благодарам на нашите руски колеги за нивниот придонес во бизнисот во текот на многу години. Иако не можеме да продолжиме да работиме на пазарот, го најдовме најдоброто можно решение за поддршка на нашите луѓе“, вели Претседателот и извршен директор на Nissan, Макото Учида.