И најслабиот дожд може да доведе до несреќа со фатални последици
Истражување во САД анализирало над 125.000 сериозни патни инциденти
И најслабиот дожд на патот може да доведе до тешка сообраќајна несреќа со фатални последици. Станува збор за најнова студија во САД, која анализира податоци од над 125.000 несреќи.
Колку се повлажни патиштата, толку се опасни, а со дожд, снег и мраз на нив, ризикот од несреќа со фатални последици се зголемува за 34%, покажува статистиката на Американското метеоролошко друштво.
Слабиот дожд – оној за кој луѓето се уште се прашуваат дали да земат чадор или не, го зголемува ризикот од инцидент со фатални последици на патот за 27%. Ова го објавил Скот Стивенс, шеф на тимот кој го подготвил извештајот за врската помеѓу дождот и тешките сообраќајни несреќи во САД.
Стивенс е аналитичар на податоци и метеоролог во Институтот за истражување на климата во Северна Каролина. Во спроведеното истражување, тој и неговите колеги проучувале точно 125.012 сообраќајни несреќи во 48 држави од 2006 до 2011 година, а кои завршиле со најмалку еден смртен случај.
Повеќето слични истражувања користат податоци и извештаи од полицијата плус информации од најблиската до несреќата метеоролошка станица, но Стивенс и неговиот тим се потпирале на попрецизни информации, собрани со помош на радар, кој покажува какво е времето. Благодарение на ова, може да се процени колку е силен дождот или снегот и како влијае врз инцидентите.
„Луѓето обично успоруваат кога ќе заврне барем малку посилен дожд, но скоро сите го потценуваат ризикот од слаб дожд“, објаснува Стивенс.
При слаби врнежи ризикот од сообраќајна несреќа е за 75% поголем од оној кога имаме убаво време, а кога дождот е посилен, ризикот се зголемува за два и пол пати.