Јужнокорејскиот гигант Hyundai откри нови детали за својот нов кросовер Venue

Иако кросоверот Kona со своите 4.165 mm е еден од најмалите кросовери, во Hyundai веруваат дека на пазарот има простор за уште помали кросовер модели. А токму тоа место треба да го пополни Venue, кој ќе се дебитира следната недела. Во меѓувреме, Hyundai објави неколку скици од возилото.

Она што се истакнува на скиците е дека станува збор за модел со две врати, иако тешко е да се очекува тоа да биде така и кога моделот ќе дојде до сериско производство со оглед на статусот на овие автомобили на глобално ниво.

Додека Venue, исто како и Kona, се издвојува со неконвенционален надворешен дизајн, во кој доминираат светла во два реда, внатрешноста е, сепак, традиционална.

Рачката од менувачот покажува дека опционално ќе биде достапен и мануелен менувач, а клиентите ќе имаат бројни дизајн верзии на ентериерот.

Премиерата на Hyundai Venue ќе се случи на 17 април на Саемот за автомобили во Њујорк.