Корејскиот производител во 2020 година планира да испорача над 80.000 електрични автомобили на клиенти на Стариот континент

Hyundai има намера да го скрати времето на чекање за испорака на нарачаните електрични возила Kona Electric, со оглед на тоа дека овој модел од март ќе се произведува и во фабриката во Чешка, а ќе се зголеми и бројот на возила испорачани од погоните во Јужна Кореја.

Растот на производството на Kona Electric е приоритет, бидејќи побарувачката за овој автомобил во Европа ги надминува очекувањата од премиерата во 2018 година.

Корејската компанија оваа година сака да испорача повеќе од 80.000 возила со нулта емисија до потрошувачите во Европа, вклучувајќи ги тука Kona Electric, Ioniq Electric, како и Nexo чиј погон користи водородни горивни ќелии.

Доколку го исполни овој амбициозен план, Hyundai очекува да стане број еден добавувач на пазарот со електрични автомобили во наредните 12 месеци.

Кросоверот Kona Electric, кој како што напоменавме погоре од март ќе започне да се произведува и во Чешка, на клиентите им нуди погонска батерија со капацитет од 39 kWh и 64 kWh. Првата обезбедува автономија од околу 290 километри, а втората до 450 километри.