Hyundai го прекинува понатамошниот развој на дизелот
Објава која не е изненадување барем кај луѓето кои активно ги следат случувањата во автомобилската индустрија
Hyundai објави дека ги запира понатамошни активности за усовршување на дизел погонските единици што ги нуди во моментов. Сегашната генерација мотори со внатрешно согорување, за чија работа е потребна нафта, во употреба ќе бидат уште неколку години, по што ќе исчезнат од продажните каталози на брендот.
Веста не само што не изненадува, напротив, во наредните месеци ќе има уште повеќе. Со промовирање на новата архитектура за електрични возила, која корејскиот производител ја нарекува E-GMP, како и лансирање на моделот Ioniq 5, Hyundai се повеќе се фокусира на возила што користат електрична енергија, што значи и одалечување од дизелот, со кој и онака марката никогаш не била во голема љубов.
Заедно со објавената потврда за откажувањето од дизелот, Корејците исто така објавија дека животниот век на бензинските мотори со внатрешно согорување ќе биде подолг за неколку години, со оглед на фактот дека тие сè уште се неопходен дел од хибридните погонски единици. Сепак, се нагласува дека ова е само преоден период во смисла на целосна транзиција кон електрична енергија како единствен извор на енергија.