Honda работи со Yamaha, KTM и Piaggio на развој на заменливи батерии
Достапноста на стандардизирани заменливи батерии ќе промовира широко распространета употреба на лесни електрични возила, како што се електрични мотоцикли
Honda најави партнерство со Yamaha, KTM и Piaggio за развој на стандардизирани заменливи батерии за лесни електрични возила. Најавувајќи ја соработката, компаниите велат дека достапноста на стандардизирани заменливи батерии ќе промовира широко распространета употреба на лесни електрични возила, како што се електрични мотоцикли.
Членовите на конзорциумот ќе работат заедно за да го зголемат опсегот на батериите, да го намалат времето за полнење и да ги намалат трошоците и за електричните возила и за нивната придружна инфраструктура. Компаниите ќе работат заедно за да ги дефинираат стандардизираните технички спецификации за системите на батерии што можат да се користат во електрични мотоцикли, мопеди, трицикли и четирицикли.
Според компаниите, овие цели ќе ја подобрат довербата на потрошувачите во електричните возила. Соработката започнува во мај оваа година, а еден од најголемите напори ќе биде соработката со различни регулатори во Европа и светот со цел развој на меѓународен технички стандард за батерии.
„Глобалните напори за електрификација поради намалување на СО2 на глобално ниво се забрзуваат, особено во Европа. За широко прифаќање на електричните мотоцикли, треба да се решат проблемите како што се опсегот и времето на полнење, а заменливите батерии се ветувачко решение“, вели Норијаки Абе од Honda.