Honda Legend – прв сериски автомобил Ниво 3 на автономно возење
Некои системи можеби се појавија и порано, но ова ќе биде првиот што возачите ќе можат да го користат
Во материјалот објавен во медиумите, Honda објави дека „ја добила потребната дозвола од јапонските власти за означување на типот на автономно возење“. Во превод, ова значи дека компанијата може да понуди ниво 3 на автономно возење во своите возила, за експлоатација во одредени околности. Точните параметри поврзани со можноста за самостојно возење сè уште не се откриени, но судејќи според материјалот, прописите кои одлучуваат за употребата на системот се следни:
- Опремата не смее да биде причина за каква било загриженост што може да ја загрози безбедноста на патниците или другите учесници во сообраќајот во услови на работа
- Опремата не смее да биде во функција, освен ако не се исполнети сите потребни оперативни барања
- Пред било кој од условите за работно опкружување да стане незадоволителен, опремата мора да го предупреди возачот за предавањето, односно да му ја врати контролата на возачот, но мора да продолжи да вози безбедно додека не заврши примо-предавањето. Кога не може да се изврши примопредавање, опремата мора да може безбедно да го запре возилото.
- Опремата мора да вклучува функција за следење на возачот за да се следи неговата состојба.
- Опремата мора да донесе мерки за сајбер безбедност, со цел да се спречат закани во форма на неовластен пристап.
Покрај тоа, уредот за складирање на податоци мора да содржи информации од последните шест месеци (т.е. 2.500 употреби), кој покажува кога системот бил вклучен или исклучен, кога издал предупредувања за примопредавање и кога возачите биле во ситуација кога предавањето не било можно. Автомобилите опремени со овој систем мора да имаат и посебна налепница, која ги идентификува во смисла на автоматско управување со системот.
Можеби сето ова звучи малку комплицирано и збунувачки, но еве и зошто е така. Ниво 3 на автономно возење му дава на возилото целосна контрола над функциите на возење. Што е уште поважно, возилото му овозможува на возачот да ги тргне рацете од воланот и погледот од патот, но тој мора да биде подготвен да ја преземе контролата во секој момент. Одредување на моментот кога рацете ќе бидат тргнати од воланот, како возачот реагира и дали системот може безбедно да го контролира возилото во различни ситуации, е местото каде бирократијата стапува на сцена.
Оваа технологија веќе постои. Audi имаше намера да започне со Ниво 3 на автономно возење со сегашниот А8, но тоа не се случи, бидејќи производителот со седиште во Инголштад се соочи со бројни законски пречки. Неодамна, Mercedes исто така објави дека новата Ѕ-класа ќе се карактеризира со Ниво 3 од летото 2021 година, под името Drive Pilot. Овој систем е ограничен на сообраќај „појди-застани“ под 60 km/h и е компатибилен само со одредени германски патишта.
Со оглед на тоа што добиле одобрение од јапонските власти, од Honda велат дека нивниот систем (Traffic Jam Pilot) ќе се нуди во седанот Legend пред крајот на оваа фискална година, кој завршува на 31 март 2021 година. Доколку јапонскиот производител се придржува до овој рок и ако не се соочи со непредвидени пречки, технологијата за автономно возење од ниво 3 на пазарот ќе стигне пред онаа на Mercedes.
Останува да се види дали ќе има ограничувања кои ги има во S-Class, но бидејќи одобрението го издала јапонската влада, системот најверојатно нема да биде понуден надвор од матичната земја во скоро време. Очекуваме Honda да објави дополнителни детали во врска со новата технологија во наредните месеци.