Јапонскиот производител планира целосно да ги отстрани дизел моторите од понудата на своите возила на европскиот пазар, а ќе ги замени со хибриден и електричен погон

Во Honda сакаат до 2025 година две третини од возилата кои ги продаваат во Европа бидат модели со хибриден или електричен погон. Пред тоа, целта е целосна елиминација на дизелите од понудата, а крајниот рок за тоа е 2021 година.

„Секој следен Honda модел кој ќе пристигне во Европа нема да има дизел верзија“, вели Дејвид Хоџетс, директор на Honda во Велика Британија, која поединечно гледано е најголемиот пазар за автомобили на Honda на Стариот континент.

Првиот Honda модел кој доаѓа во Европа без дизел мотори е новиот CR-V, а ќе се продава само со 1,5-литарски турбо бензин и хибриден погон.

Хибридната верзија е опремена со интелигентна Multi-Mode Drive (i-MMD) технологија која автоматски го избира оптималниот режим на возење со цел да се постигне највисоката можна ефикасност.

Во EV Drive (електричен) режим, возилото се движи само со помош на електричниот мотор, а потребната енергија се добива од литиум-јонските батерии, додека бензинецот е исклучен. Во хибриден режим, бензинскиот мотор е активиран, но само како генератор на електрична струја, со цел да ги надополни батериите додека возите.

Во Engine Drive мод бензинскиот мотор се приклучува на квачилото и директно испраќа моќ на тркалата, додека вишокот на енергија се претвора во електрична енергија и се депонира во батериите.

За возење низ град Honda CR-V Hybrid користи или хибриден или електричен погон, додека Engine Drive најчесто се активира при возење на автопат и со големи брзини.

Системот i-MMD автоматски го избира најпосакуваниот режим на возење без интервенција на возачот.

Honda очекува половина од своите годишни продажби во Европа, од планираните 60.000 копии од моделот CR-V, да бидат хибридна верзија.

Сега за сега, јапонскиот производител на европскиот пазар е присутен со два модели кои сеуште имаат дизел мотори во понудата, а тоа се Civic и HR-V. Меѓутоа, во 2020 година, ќе пристигне наследникот на HR-V и ќе има хибриден мотор со бензинец и електричен мотор наместо дизел верзијата.

Инаку, Honda во 2019 година во Европа ќе го лансира првиот целосно електричен автомобил, базиран на концептот Urban EV од 2017 година.

Honda е само еден од многуте јапонски производители кои објавија дека ќе ги отстранат дизел моторите од нивните модели наменети за европскиот пазар.

Пред тоа, истото го најавија Toyota, Nissan, Suzuki и Mitsubishi.