Plug-in хибрид за Макрон! Ова е новиот блиндиран автомобил на францускиот претседател / ФОТО+ВИДЕО
Новиот DS 7 се придвижува со E-Tense 4×4 plug-in хибриден погон кој комбинира два електрични мотори со 1.6-литарски 4-цилиндерски бензински мотор
Претседателските возила доаѓаат во многу форми и често го претставуваат најдоброто од она што земјата може да го понуди. Во САД, претседателот вози силно модифициран Cadillac од 2018 година наречен „Ѕвер“ (The beast).
Во Франција ситуацијата е малку поинаква – претседателот Емануел Макрон се вози, очекувано, во француски модел. Досега тоа беше DS 7 Crossback, кој го превезуваше Macron од неговото инаугурирање во 2017 година. Овој модел сега ќе биде заменет со ажурирана варијанта – DS 7 Crossback Élysée, специјално подготвен теренец базиран на DS7 Crossback E-Tense 300. Возилото што ќе го користи шефот на француската држава е долго 4.790 mm, со зголемено меѓуоскино растојание за 200 mm. Се разбира, ова не се единствените промени.
Теренецот бил подложен на третман блиндирање, добил држачи за знамиња, тркала од 20 инчи… Тука е и ознаката „RF“, кратенка за името на државата – Република Франција, фанцуското знаме…
Секако, промена има и во кабината. Во вториот ред седишта можат да се сместат само двајца патници, а меѓу нив има огромна конзола. Има контроли за инфозабавниот систем, како и за климатизацијата. Дополнително, поставен е и безжичен полнач за мобилни телефони.
Она што останува непроменето е plug-in хибридниот погон кој се состои од два електрични мотори и еден бензински агрегат. Моќта се пренесува на сите тркала и ја има во изобилство. Овој plug-in хибрид испорачува 300 КС и 520 Nm.
DS не даде детали за перформансите, но за очекување е дека поради значително зголемената маса, тие ќе бидат поинфериорни во однос на стандардниот модел. DS7 Crossback E-Tense 300 инаку може да спринтира до „стотка“ за само 5,9 секунди.
Благодарение на батериите од 13,2 kWh, DS7 Crossback E-Tense 300 може да помине до 58 km користејќи само електрична енергија. Бидејќи претседателскиот теренец е далеку помасивен, малку е веројатно дека ќе може да понуди таков опсег во електричен режим на возење.
Француските медиуми истакнуваат дека изборот на plug-in хибриди ја истакна посветеноста на француската држава за електрификација и трансформација на секторот за мобилност.