Harley-Davidson на почетокот од 2019 година го претстави својот прв електричен мотоцикл, а сега 10 месеци подоцна, неговото производство е целосно запрено. Причината, како што наведува самиот производител, е „нестандардна состојба“ со нивниот електричен мотоцикл

Целото производство и испорака на електричниот мотоцикл LiveWire од американскиот производител Harley-Davidson е прекинато, пренесува Reuters. Од компанијата, сепак велат дека веќе испорачаните единици не се отповикани.

„Неодамна откривме нестандардна состојба за време на последната проверка за квалитет, ги стопиравме производството и испораката и започнавме дополнителна анализа и тестирање, што напредува добро“, се вели во соопштението на компанијата. „Ние сме биле во близок контакт и со дилерите и со клиентите на кои им дадовме уверување дека слободно можат да продолжат да ги возат своите мотоцикли. Како и секогаш, квалитетот е еден од нашите главни приоритети“, се дополнува во соопштението.

Повеќе од кажаното во соопштението, од Harley-Davidson не соопштуваат, така што никој не знае за каква нестандардна состојба станува збор, исто како и што не се знае кога ќе продолжи производството и испораката на LiveWire.

За неупатените, LiveWire чини 29.799 долари, има 105 коњски сили и минимална автономија од 150 километри. Батеријата до 100% се полни за неполн час.